Заменик-министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска го кочи проектот за справување со коронавирусот вреден 90 милиони евра, средства од Светската банка кои, меѓу другото, се наменети за кревети за интензивна нега за сите инфективни одделенија во државава, за лабораториски капацитети, вели за МИА министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, Димитриевска-Кочоска неколку пати испраќала барање до Министерството за здравство за објаснување за што ќе се употребат средствата и исто толку пати ѝ било одговорено.
Како што вели Филипче, прашањата на заменик-министерката за финансии ѝ се повторуваат, а поради нејзина постапка на одолговлекување не се одобруваат средствата за здравствениот систем, односно за ургентна поддршка за зајакнување на капацитетите за третман на ковид-пациенти.
„Средствата што се одобрени, а не ги одобрува Димитриеска Кочоска, ќе помогнат да ги опремиме сите инфективни одделенија во државава, пред сè со интензивни кревети, машини за сликање, лабораториски капацитети и друго. Има еден дел од средствата за едукација на лекарите, потоа за надградување на епидемиолошките центри со комплетна опрема, односно овие средства се за сите аспекти кои ги покрива коронавирусот“, вели Филипче.