Јас како заменик-министерка, но и како доктор, сум згрозена од наводните постапки во случајот на Клиниката за онкологија и најостро ги осудувам тие акти што на бесрамен и криминален начин некој се обидел да заработува врз грбот на нашите пациенти и нивната борба за живот, регираше заменик-министерката за здравство Маја Манолева.
-Навистина ми е жал за сите пациенти кои биле жртви на оваа криминална мрежа и се надевам дека правдата ќе биде задоволена во нивно име. Ваквиот тип на злоупотреба е напад врз животот и здравјето на нашите сограѓани кои се борат против тешки болести, а исто така, ставаат и црна точка врз медицинската професија, што е спротивно на она за кое ние како медицински персонал се залагаме, а тоа се хуманоста и човечкиот живот – вели Манолева.
Нашата одговорност како министерство за здравство, додава таа, е да се бориме против секоја форма на злоупотреба и корупција во здравствениот систем.
-Како одговорни лица, ќе соработуваме со судските вештаци за да се откријат сите виновници и истите да бидат извадени пред лицето на правдата. Исто така, ќе ги поддржиме сите мерки кои ќе се преземат за заштита на пациентите. Со целосна поддршка на акцијата на МВР и ОЈО треба да покажеме дека имаме нула толеранција кон криминалот и злоупотребата во здравствениот систем. Нашата цел е да обезбедиме квалитетна и безбедна здравствена услуга за сите наши граѓани, и оваа акција е важен чекор кон постигнување на таа цел – порачува Манолева.
По вчерашниот претрес на скопската Клиника за онкологија, во рамки на предистрага покрената по написи во неделникот „Фокус“, се огласи и министерот за здравство Фатмир Меџити.
–Силна поддршка за акцијата на обвинителството и полицијата на Клиниката за Онкологија. Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата – порача Меџити.