Судскиот совет по неколку месеци го објави записникот од седницата на којашто беше разрешена тогашната претседателка на Советот, Весна Дамева и јавноста може да прочита што точно се случувало на таа седница после која стручната и меѓународната јавност бара оставка од целиот состав на Судски совет.
Од записникот на седницата може да се заклучи дека од барање за дополнување на дневниот ред со точка на која ќе се расправа за меѓучовечките односи во Судскиот совет, тогашниот заменик претседател, Селим Адеми со поддршка од уште шест членови става точка на дневен ред за разрешување на Дамева, иако останатите членови предупредуваат дека тоа е незаконски.
Најгласни во барањето да се стави точка на дневен ред разрешување на Дамева се Селими и поранешната претседателка на Судски совет, Павлина Црвенковска, а понекогаш им се приклучува и членот Миљазим Мустафа и речиси цела седница е обвинувања и контраобвинувања меѓу нив.
Селими ја обвинува Дамева дека сите членови биле нејзини заложници.
-Во смисла ме изгласавте и сега ништо не ми можете, од таа причина и се занесовте во функцијата, затоа и уште кавги создавате во Советот, доколку сте сфатиле дека тие што те бираат тие и во секој момент можат да те разрешат тогаш поинаку ќе размислувавте, и се обрати Адеми на Дамева, стои во записникот.
Посочува дека не треба да се губи време, како со Павлина Црвенковска 14-15 месеци, а кавгите не престанале и откако дала оставка. -Потребно е да се има слога и сите да се почитуваат. Гледа дека моментално со постоечкиот претседател нема да се смири состојбата, мнозинството не е задоволно од работењето, а дека 11 членови имаат услови да се кандидираат. За мир во Советот очекувал претседателката Весна Дамева да си даде оставка. Со сила работата не оди, рекол Селими.
Дамева пак на колегите им порачува дека целта, која се спрема 2-3 недели наназад, е Дамева да си оди од причини познати на сите. –Бидејќи претседателот на Судски совет преседава со седниците и го утврдува Дневниот ред, точките на Дневен ред ги става и сака час поскоро да се завршуваат работите, а не да се пазарат и договараат, туку да се вршат итни посети по судовите, да се откриваат случаите и да се процесуираат истите, рекла Дамева.
Според нејзе спорно е нејзиното однесување и неподлегнување на било какви влијанија за носење било какви одлуки , дали од колеги, дали од чинители од надвор. Потенцира дека таа ќе остане, дури и да изгласаат да си оди, да ја разрешат, нагласи дека ќе оди со гордо крената глава. –Но што понатаму со Судскиот совет, во што тој ќе се претвори. Се обрати со прашање дали на ова место ќе седне некој што слуша и што треба да ги завршува работите, а само мнозинството од 6 плус тој едниот од 7 ќе му дава легитимитет за да тие работи што се ветени треба да се завршат додаде дека и е непознато во овој момент, се вели во записнот.
Во записникот стои дека Селими е решен да ја разреши Дамева дури и тоа да е противзаконски.
-Истакна дека таа предлогот денеска ќе го стави на гласање, а ако не сака дека има можност да ја напушти седницата и со неа ќе се раководи на начин согласно законот. Предлогот ќе се стави на гласање, дури и да е противзаконски, односно дури и тој да е во грешка, бидејќи има судии , искусни правници и тие ќе ценат дали е или не е законито напомена, стои во записникот и Адеми вели дека таа точка ќе се стави на дневен ред зашто Судскиот совет не бил на Дамева.
Дамева го замолува заменикот да не закажува седница во нејзино присуство и да не продолжува да го крши Деловникот и законот, потенцира дека таа е негов заложник и на луѓето кои му дале налог седницата да прекине и да се разреши Весна за понатаму да се завршат тие работи што треба и тоа јавноста го знае.
Гласот на рзумот во цела оваа дискусија е членот на Советот, Мери Радевска која вели дека не сака некој да доаѓа да манипулира и да вметнува шеми, по однос на конкретната точка на Дневниот ред бидејќи не е во нејзина природа да прифаќа такво нешто, но за работа и резултати ќе разговара.
-Не се функционира на овој начин 2 години и 3 месеци. Односите се доведени во состојба на лични суети и интереси и се пред потребата да се покажат резултати и нешто да се сработи. Се прават огромни напори, членовите губат време, сакаат нешто да направат. Не ја интересира кој ќе седи на позицијата претседател. Претседателот треба да ја води работата и да наметне авторитет. Сега кога е во тек работа, повторно се доаѓа до состојба да се враќа на нешто. Да се каже отворено што е проблемот и да се продолжи со работа, вели Радева.
Апелираше до сите присутни членови да не бидат продолжена рака на било кој однадвор,затоа зборува за интегритет, бидејќи тоа е основното.
-Големите проблеми се што нема судии во судовитеи тие што ќе се избираат не се доволно да се покрие проблемот, кога имаше одлуки за продолжување на мандат се гласаше на друг начин. Самите го наметнале проблемот со тој однос и се обрати и постави прашање што направиле од нивна страна за да се надмине проблемот додека академците ги изберат за судии. Основно е дека зборувале дека таа зборувала за себе, напротив не зборувала за себе туку дека ќе дојде до колапс кој се рефлектира на нивните односи. По однос на огласите истите се 2021 година тоа се знае.Праша колку време е поминато за да се дојде до денес, а избрани се само неколку, се знае зошто. Потенцира секој од нив да се запраша што придонел за ваквата состојба,се губи време и енергија за непотребни работи, треба да се зафати секој за работа и да има резултати. Интегритетот и професионалноста се тие, ако има некој пријател близок ќе се изземе, а не да се бори за друг, порачала Радевска.
Сепак Дамева на 26 април беше разрешена со седум гласа „за“ и шест „против“. Адеми тогаш констатираше дека Дамева е разрешена и закажа итна седница за избор на нов претседател. Но таа седница беше одложувана, а потоа се одржа зад затворени врати, на која било одлучено да ја отповикаат претходната, прва одлука за разрешување на Весна Дамева, и да ја стават „вон сила“
. Веднаш потоа во друга постапка на Дамева и` била изгласана недоверба и била разрешена, а потоа на друга седница се гласаше за избор на нов претседател на Судскиот совет.
Фросина Факова-Серафиновиќ
Записник+438+A+седница+26+04+2023+09+05+2023+И+10.05+2023+-+Copy