Акционерското друштво за железнички транспорт на стоки „Србија Карго“ и Железниците на Република Северна Македонија – МЖ Транспорт го реализираа Договорот за привремен закуп на четири електрични локомотиви од серијата 461, за кој нашата државна компанија ќе издвои 575.610 евра за закуп.
„Благодарение на оваа соработка, протокот на стоки од грчките пристаништа, како Солун и Пиреја, преку Северна Македонија и Србија ќе стане побрз и поефикасен, со што ќе се овозможи подобар транзит кон Европската унија. Се очекува оваа иницијатива значително да придонесе за зголемување на приходите на двете железнички компании и подобрување на нивните деловни процеси. Со закуп на дополнителни локомотиви, ЖРСМ Транспорт го зголемува капацитетот на транзитниот сообраќај на Коридорот 10, кој во голема мера минува низ Србија.
Истовремено, „Србија Карго“ а.д. заработува дополнителен приход со изнајмување достапни локомотиви, додека Железниците на Северна Македонија обезбедуваат ефикасен транспорт на транзитни возови со нивно закуп, вклучително и возови на големи компании како Коско, што обезбедува континуитет на сообраќајот низ Србија“, се вели во заедничкото соопштение на двете државни компании.
МЖ Транспорт со овие средства, наместо да изнајмува можеше да поправи уште некоја локомотива од својот возен парк како што беше случајот со локомотивата со број 462-002, која беше надвор од употреба повеќе од пет години, а од 2023 година беше ставена во функција.
„Денеска сме тука да прославиме еден од нашите успеси, по цели шест месеци посветеност. Многу е важно да се спомене фактот дека за поправка на оваа локомотива заштедивме 500.000 евра со тоа што ја извршивме потребната поправка со сопствени капацитети што ги поседуваме. Нашата работа и визија беше ова, со максимална посветеност на секои 5-6 месеци да пуштиме во употреба локомотива која со години и години беше нефункционална“, соопштија од МЖ Транспорт.
Очекувањата на Македонски железници тогаш беа дека ставањето во функција на оваа локомотива ќе ги зголеми приходите на еден од најголемите загубари во Македонија.
Орце Костов