Законот за заштита од дискриминација влегува во процедура, членовите ќе се бираат по примерот на Антикорупциска

by fokus

Министерството за труд и социјална политика денеска во владина процедура ќе го достави предлог-законот за заштита од дискриминација, информираше денеска министерката Јагода Шахпаска.

-Станува збор за закон кој на општеството му е неопходен и кој еднаш ги помина сите филтри и во владина и во собраниска процедура и кој е целосно работен и усогласен со невладиниот сектор. За жал, поради одредени претходни пропусти, Уставниот суд на 14 мај годинава го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација, рече министерката.

Таа додаде дека ова е предлог-закон кој се пушта во владина процедура веднаш по преземањето на функцијата, затоа што не смее да се дозволи граѓаните да бидат без заштита од дискриминација по која било основа.
Предлог-законот се предлага во идентична форма како онаа што беше изгласана во Собранието и беше целосно усогласена со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Единствена измена е во постапката и начинот на изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сега се предлага членовите да се избираат на начин како што се избираа и членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

-Членовите да ги предлага посебна комисија за селекција составена од седум члена, по два претставници од власт и опозиција и тројца претставници од граѓанското општество, наместо тие да бидат избрани по предлог на собраниската Комисија за избори и именувања, рече министерката Шахпаска.

Поврзани новости