Законот со кој се обезбедуваат 6,5 милиони евра од годинешниот буџет покривање на придонеси за работодавачите што ќе ги зголемат платите на нивните вработени до 100 ера се наоѓа на дневен ред на денешната собраниска седница, закажана во 11 часот.
Како што се наведува во предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, целта на законот е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој.
„Мерката треба да придонесе за подобрување на работењето на деловните субјекти, зголемување на квалитетот во работењето, подобрени деловни резултати во работењето, зголемување на вработеноста, зголемување на платите на вработените“, стои во вовоедниот дел од законот, предложен од владата до парламентот по скратена постапка.
Инаку, субвенционирање на придонеси може да користи обврзникот (работодавач и самовработено лице), кој не е во постапка на стечај или ликвидација, нема доспеани обврски по основ на бруто-плата, бил во задолжително социјално осигурување и има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.
Притоа, највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето плата до 6.000 денари месечно по осигуреник, додека најнискиот износ е 600 денари месечно по осигуреник.
„Исплатата на субвенционирањето на социјалните придонеси ќе го врши Министерството за труд и социјална политика, а се врши по добиени податоци од Управата за јавни приходи најдоцна до 25-ти во месецот за претходниот месец“, се наведува во законското решение.