Собраниската Комисија за европски прашања денеска во прво читање го разгледа и даде поддршка за Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, со кој треба да се обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи, а во Собранието влезе со европско знаменце.
Со законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
-Апелирам законот да биде донесен ден поскоро, бидејќи можеби за нас е само законско решение, дел од нашите работни задачи, но за некои граѓани во државата е прашање на судбина, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во образоложението на законот.
Законот претходно поминал долг процес на усогласување во општеството со НВО, а било добиено и позитивно мислење од Венецијанската комисија, a забелешките на Комисијата биле вградени во него. Како таков бил усвоен во Собранието, по што не бил потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Откако бил вратен во Собрание тој бил донесен повторно, но во мај годинава беше укинат од Уставниот суд поради тоа што не бил усвоен со потребно мнозинство од 61 пратеник.
Законот, потенцира Шахпаска, е од суштинска важност за сите граѓани и нивна заштита од дискриминација, но исто така е важно и во процесот на почеток на преговори со ЕУ и усогласување на правото на Европската унија.