Законот за Јавното обвинителство денеска влегува во собраниска процедура, а со него треба да се реши и судбината на СЈО.
Бидејќи се работи за закон со европско знаменце и скратена постапка тој треба да биде донесен до средината на септември.
Според владиниот Предлог-закон, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да се спои со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и да се вика Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а на чие чело ќе стои шефот на ова обвинителство. Притоа, обвинителите кои сè уште работат во СЈО треба да продолжат со својата работа.
Досега, како што беше соопштено по вчерашните разговори на власта и опозицијата, била постигната согласност дека Катица Јанева повеќе не е предмет на дискусија дали да биде префрлена во новопланираното Обвинителство за гонење на висок криминал и корупција. За другите елементи за кои имаат различни мислења, страните не постигнаа напредок во преговорите.