Владата вчера на седница го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство и донесе одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка.
На предлог на Министерството за правда Владата прифати во собраниска постапка да биде пуштен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија поради терминолошко усогласување со Предлог-законот за Јавно обвинителство.
Собранискиот спикер Талат Џафери вчера изјави дека доколку Предлог-законот биде доставен до денеска во Собранието, во тој случај пленарна седница ќе може да се свика на 29 јули, а законот би може да биде донесен до крајот на август доколку постои согласност за него меѓу политичките субјекти во Парламентот со оглед дека за да се донесе потребно е двотретинско мнозинство.
Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.
Од владејачката СДСМ очекуваат сите пратеници, а пред сè ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова решение.
-ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да покажат одговорност и да го прифатат Предлог-законот за Јавно обвинителство и да ги остават надлежните институции да работат независно, професионално и неселективно. Република Северна Македонија е правна држава во која владеат законите. Секој оној за кој ќе се докаже дека постпапувал незаконски ќе одговара, соопшти СДСМ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека и тие подготвуваат Предлог-законот за јавно обвинителство кој, како што најавуваат, многу скоро ќе биде доставен до Собранието и до јавноста.
Според нив, законот предложен од СДСМ наместо правна држава треба да го зајакне рекетарско-судско-политичко-медиумскиот октопод кој е создаден од оваа власт.
Новиот закон за Јавно обвинителство е предложен, откако претходно немаше успех на средбите на работните групи на власта и опозицијата.
Владиниот Предлог-закон е СЈО да стане составен дел од Јавното обвинителство за организиран криминал со ново име – Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела теритоија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.
Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки, велат од Министерството за правда.