Пратениците во Собранието на Македонија денеска треба да ја продолжат расправата за Предлог законот за употреба на јазиците во рамки на 15. седница која беше прекината на 23 септември поради почетокот на кампањата за локалните избори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во петокот најави дека собраниската дебата за законот за јазиците би можело да биде прекината само ако дојде предлог за пополнување на испразнетите министерски места во Владата на Арбен Тараваи и Рамиз Мерко кои на локалните избори беа избрани за градоначалници.
Според образложението од Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти.