Законот за јазици ќе почека, но не и кратењето на патните трошоци

by fokus

Кратењето на патните трошоци за пратениците

Освен Законот за јазици на денешната собраниска седница ќе се разгледуваат и законите кои им овозможуваат на пратениците редовно исплаќање на патните трошоци. По реакциите и притисокот од јавноста, за огромни суми кои им се исплаќале на пратениците по овој основ, парламентарното мнозинство предложи законски измени со кои процентот по изминат километар им се намалува од 30 на 20 отсто.

Се очекува овие закони денеска да бидат разгледани, пред да почне расправата за Законот за употреба на јазиците. Поради илјадниците амандмани поднесени од опозицијата за овој закон, расправата ќе биде одложена и приоритет ќе им се даде на останатите точки. Тоа било договорено на координацијата меѓу пратеничките групи и претседателот на Собранието, со цел да не се блокира работата на институциите кои чекаат изгласување на годишни извештаи, но и да продолжи имплементацијата на реформите.

Со промените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, како и со промените во Законот за пратениците, се предвидува кратење на патните трошоци и заштеда на буџетот.

„Потребата од предложените измени е во насока на намалување на трошоците од државниот буџет, постигнување на одредени заштеди на буџетските финансиски средства и спречување на евентуални злоупотреби во трошењето на народните пари. Предложената висина на надоместокот за користење на возила во лична сопствеснот за службени цели, која пратениците ја добиваат согласно одредбите од овој Закон иако е намалена сепак е адекватна за трошоците и за амортизацијата на возилата кои ги користат за ефикасно и навремено извршување на својата функција“, стои во предлог измените.

Поврзани новости