Законот за игри на среќа не помина во Собранието

by Фокус

Законот за игри на среќа не помина во Законодавно-правната комисија во Собранието, откако Комисијата за финансирање и буџет вчера констатирше дека тој е спротивен на Уставот.

За отфрлање на предлог-законот поднесен од опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ гласаа 9 членови, а „за“ беа двајца.

Пред гласањето, Илире Даути го образложи законот по две клучни точки – дислокација на казината кои што се во близина во училишта, културни и верски објекти, и нивно селење во хотели со пет ѕвезди.

Воедно, се предвидуваше и плаќање по 200 евра за метар квадратен реклама или објава за казино, а средствата би оделе во општински фонд за поддршка на спортот и борба против семејно насилство.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање во август беше симнат од дневен ред на собраниска седница на барање на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, што од „Европскиот фронт“ беше оценето како флагрантно кршење на Деловникот и воспоставување на диктатура.

Од власта уште претходно најавија дека тие ќе поднесат нов закон за игри на среќа кој, како што истакнаа, ќе биде многу поригорозен, со што постепено ќе се решава проблемот на експанзија на отворање игри на среќа.

Поврзани новости