Закон за употреба на македонскиот јазик

by Фокус

Со овој Закон, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали. Со доследната примена на овој Закон, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите, и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.

Пишува: Бисера КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВА

Со многу посветеност, труд и ентузијазам успеавме да ги исполниме нашите заложби за заштита и унапредување на македонскиот јазик.

Дојде моментот кога Законот за употребата на македонски јазик е изгласан. Имаме нов Закон за употреба за македонски јазик по 1998 година. И тука паѓаат во вода сите тези за патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ.

Имаа 11 години за да го подготват ова законско решение, ама сѐ што направија беше безброј пати променување на законот за градба, за да може „Скопје 2014“ да биде реалност.

А тој проект стана реалност за лично богатење на поединци, да не се лажеме. Не за грижа за културата. За лично богатење на поединци.

Може и оттаму е поривот за предизборно ветување да се преименува Министерството за култура за да се избришат трагите од криминалот.

Направивме вистински потфат во унапредувањето на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет.

Односот кон јазикот претставува детектор, кој јасно ги покажува нашите намери и на сите оние што учествуваа во транспарентната постапка на неговото изготвување.

ЛЕКТОРИ ВО СИТЕ ИНСТИТУЦИИ

И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но успеавме да покажеме дека јазикот, културата и македонскиот идентитет се за нас свети и со нив нема компромиси.

Со изгласувањето на овој Закон, не добиваме само нов и современ Закон за македонскиот идентитет и култура, туку и закон, кој е пример како треба да се изработува еден правен акт, кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни.

Постои сериозно јадро на институции и професионалци, кои многу грижливо и систематично го штитат и го унапредуваат македонскиот јазик.

Постојат интелектуалци, кои со својата работа, потврдуваат дека македонскиот јазик не е загрозена категорија, тој е жив и почитуван.

Наша е обврската да го поддржиме, да го унапредуваме, да го промовираме и да го афирмираме.

Со овој Закон, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт.

Со доследната примена на овој Закон, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.

ЌЕ СЕ ОСНОВА ИНСПЕКТОРАТ

За вршење инспекциски надзор над примената на Законот ќе се основа Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, а Законот дава правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик.

Од овој Закон произлегуваат многу важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици од четврта година средно образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.

Со тоа, и со новите работни места за лектори што ќе се отворат, оваа влада и Министерството за култура ја потврдуваат својата заложба за преземање конкретни и суштински чекори за македонскиот јазик, за негова заштита.

Особено важно е што преку овој Закон создаваме услови за уредување и на други закони, како и за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик.

Овој Закон може да користи како еден пример за тоа како треба да се применуваат и да се почитуваат сите други јазици.

Законот за употребата на македонскиот јазик носи многу придобивки. Чувајќи го македонскиот јазик, ја зајакнуваме државноста и темелот на нашиот идентитет. Тоа се прави со дела, а едно од тие дела е овој предлог-закон.

Затоа е многу важно сите денес да покажеме дека знаеме и сакаме да го чуваме и да се грижиме за македонскиот јазик како наша посебност, наше обележје, како наша татковина.

вторката е потпретседателка на СДСМ)

Поврзани новости