Закочени булевари и мостови поради имотни спорови

Клучката кај Момин Поток, булеварот Борис Трајковски кон Драчево, мостот меѓу Аеродром и Ќерамидница, се отпочнати без целосно завршена експропријација.

by Фокус

Булевари во Скопје почнале да се градат, без претходно во целост да се решат имотно-правните односи и да се изврши експропријација на парцелите низ кои минуваат проектираните траси, што сега ја закочува и одложува нивната реализација, особено поради фактот што старата и новата локална самоуправа имаат различен поглед и пристап кон работите.

Имено, овие булевари, како и еден мост, се започнати од страна на Градот додека градоначалник беше Петре Шилегов од СДСМ, но почнаа да се преиспитуваат од страна на новата градоначалничка Данела Арсовска, избрана со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

Приватната сопственост е светост и уставно загарантирано право, и доколку не е решен статусот на земјиштето и нема согласност од сопственикот низ кое е проектирана трасата, не може да му се одземе на сила. Во таков случај, потребно е репроектирање – тврдеа од партијата на Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите.

Поранешниот скопски градоначалник Шилегов одби да ги коментира ваквите обвинувања. Сепак, од поранешната градска власт неофицијално коментираат дека сосема нормално и законски дозволено да се отпочне изградбата на инфраструктура и паралелно со решаваат имотно-правните спорови.

Сопствениците на земјиште низ кое минува булевар не можат да спорат дали ќе се врши експропријација, туку за висината на обештетувањето. Се работи за проекти од јавен интерес со кои се развива градот – велат извори од поранешната градска власт, додавајќи дека работата на градоначалникот не е да ги стопира проектите, туку да го менаџира процесот.

УСПОРЕНА ДИНАМИКА

Според неофицијални информации, и избраните изведувачи кои ги градат „проблематичните“ коридори се жалеле пред новата градска администрација дека не можат да ја запазат предвидената динамика утврдена со склучените договори, токму поради нерешени имотно-правни односи, кои всушност не паѓаат на товар на изведувачот, туку на општината.

Во таа насока, еден од овие проекти е изградбата на кружниот тек на две нивоа кај Момин Поток, за што, според Бирото за јавни набавки, Град Скопје непосредно пред промената на локалната власт пред неколку месеци склучи договор со струмички „Жикол“ за над 18 милиони евра. Се обративме до „Жикол“ дали имаат проблем со реализација на договорот, но не добивме одговор.

Како што брифираат од Град Скопје, дури 70 отсто од теренот каде веќе почна да се изведува овој објект се со нерешени имотно-правни односи. Притоа, на дел од имотот има и деловни и индиструски објекти, кои треба да се урнат.

Покрај тоа, истиот проблем е и со булеварот Борис Трајковски, односно делот што води до Драчево, каде, исто така има нерешени имотно-правни односи во голем обем, што го отежнува процесот на експропријација.

Инаку, официјалните податоци покажуваат дека овој булевар го гради компанијата „Вато“ од Студеничани за 4 милиони евра. И таму прашавме дали се соочуваат со потешкотии при реализацијата на проектот од имотно-правен карактер, но повторно не добивме одговор.

Воедно, Град Скопје ја стопираше и изградбата на мостот меѓу Аеродром и Керамидница, кој треба да се поврзе со булевари. Досега, за овој потег завршени се само 18 предмети со исплата, а има 11 спорови меѓу граѓани кои треба меѓу себе да ги решат, 44 предмети се за приватизација, 16 за корисничко право, додека 25 се во подготовка без согласност за цена.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ?

Инаку, Законот за експропријација пропишува дека експропријација, односно ограничување или одземање на правото на сопственост, се применува заради „реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи“.

Притоа, јавен интерес се утврдува за градење на објекти и изведување работи од државно значење, но и за објекти и работи од локално значење.

Што се однесува до јавен интерес од локално значење, тука влегува изградба на градење далноводи и трафостаници со помал капацитет, трамвајски пруги, објекти за противпожарна заштита, локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување, катни гаражи и објекти за општа употребакако општински патишта…

Оттука, Градот Скопје има право да врши експропријација за изградба на општински патишта, кои во Законот за јавни патишта се дефинираат како „јавен пат кој поврзува населени места на општината и е од значење за сообраќајот во општината“, со тоа што цената за одземеното право на сопстеност не треба да биде пониска од пазарната вредност од одземениот имот.

Меѓутоа, проблем претставува на многу парцели се во фаза на утврдување на статус преку постапките што ги водат граѓаните за легализација на објекти и приватизација на земјиште, додека постојат и спорови меѓу граѓани, што дополнително ја компликува реализацијата на инфраструктурните проекти.

В.С.

Поврзани новости