Утре во Скопје започнува масовна вакцинација на населението против ковид-19 во салата „А1 Арена“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а закажани се термини за 3 000 граѓани. Според планот, вакцинацијата со 20 000 руски вакцини „Спутник В“ што ги донираше Србија, ќе се одвива на 48 пункта.
Во оваа фаза ќе бидат имунизирани вработените во критичната инфраструктура, како вработените во МВР, Армијата, новинари, службите во Град Скопје односно оние кои имаат голем број на контакти согласно карактеристиките на работното место, но и согласно возраста на лицата и евентуални коморбидитети и хронични болести.
Во салата вчера беше направена проба како ќе функционира и ќе се координира масовната вакцинација – местата каде ќе се прави приемот на граѓаните, индивидуалниот преглед и вакцинирањето, пунктови каде ќе се издаваат потврди со термини за ревакцинација, местото за фижидерите за вакцините…
Ќе има тим од 20 медицински сестри и пет доктори во две смени, места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно.
Министерот Венко Филипче при посетата на А1 Арената изјави дека на почеток во просек околу 4 000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ државата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7 000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.
На новинарско прашањето зошто масовното вакцинирање не почна уште овој викенд, министерот за здравство одговори дека му пристапуваат внимателно на процесот.
-Битно е да се постави системот, за кога ќе тргне, проблемите да се минимизираат, додаде Филипче.
Тој соопшти дека овој месец ги очекуваме и останатите дози вакцини и секоја количина, рече, точно ќе се знае каде ќе оди.
За вакцините на „Астра Зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „Астра Зенака“.