Непознато лице на 13-ти месецов на мобилниот телефон на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, се упатени пораки со заканувачка содржина поради одбиено барање за одземање дозвола на ТВ Алсат М, соопшти Агенцијата.
Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи и останатите надлежни институции, а АВМУ очекува брза разрешница, утврдување одговорност на лицето кое упатило закани и негово соодветно санкционирање.
Како што информираат од АВМУ, пораките на мобилниот телефон на Трајчевски се пратени откако Агенцијата, на седницата одржана на 11 јули, ја отфрлила поднесената анонимна Иницијатива за одземање на дозволата на ТВ Алсат-М.
-Агенцијата ја разгледа доставената Иницијатива, меѓутоа се утврди дека не може да се пристапи до линковите кои беа посочени како наводен доказ дека Ве Ве Гроуп, сопственик на Алсат М ја злоупотребува телевизијата и врши притисок врз државните институции за остварување на своите бизнис потреби. Воедно, Иницијативата беше доставена како анонимна пријава и немаше можност да се извести подносителот да ги отстрани недостатоците во неа. Во медиумската легислатива се јасно утврдени основите поради кои може да биде одземена дозволата на некое радио или телевизија, токму за постапувањето да не биде на произволна основа туку во точно определени случаи, наведува АВМУ.
Регулаторното тело потенцира дека упатувањето заканувачки пораки поради неисполнето барање, „засновано на лични желби и лични интереси претставува индивидуално психичко вознемирување и малтретирање и во случајов, притисок и директно загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање и изразување“.
-Се надеваме дека ваквите случаи во иднина нема да се повторат бидејќи рефлектираат не само врз медиумите туку и врз безбедноста и сигурноста на новинарите и медиумските работници, истакнуваат од АВМУ кои за случајот ги известиле и релевантните меѓународни организации.