Закани и до вработените и до граѓаните кои сакале да ги купат становите на Мијалков

by fokus

Вработените на Агенцијата за конфискуван имот се мета на вознемирување и заплашување, поради обидите да го продадат конфискуваниот имот што сега е ставен на аукција, соопшти директорот на Агенцијата, Дритон Небиу.

Тој на денешната прес-конференција која се одржа во Агенцијата посочи дека станува збор за имот на поранешниот директор на Управата за безбедност и котраразузнавање, Сашо Мијалков, одземен од државата по спроведувањето на правосилната пресуда во предметот „Империја“.

-Јавноста треба да биде информирана во врска со вознемирувањето и обидите за попречување на продажбите на конфискуваниот имот чија продажба Агенцијата ја извршува согласно донесените правосилни пресуди и одлуки донесени од Владата.

Апелирам дека нема место за стравување и нема да дозволам да се попречи извршувањето на ниту еден предмет за кој е донесена правосилна судска одлука. Воедно ја охрабрувам јавноста да аплицира на секоја продажба која ја објавува Агенцијата, бидејќи законот е подеднакво важен за сите и ќе се применува за секое име и презиме, обидот да не заплашите е на погрешна адреса ништо не да не заплаши и не застануваме додека правдата не дојде на свое место, изјави Небиу.

Тој не откри детали околу заканите, но посочи ситуација во која и вработените и заинтересирани граѓани за купување на имотот се соочиле со директни закани.

-Ние имаме посебен ден во кој сите побарувачи можат да дојдат и да видат за каков стан и објект станува збор и во тој ден биле присутни сопственици кои кажале зборови, од типот „вие нема да купувате ништо тоа е наш имот“, и кон клиентите и кон вработените упатиле пораки дека нема да го дадат имотот, појасни тој.

Информира дека случајот е пријавен во полиција и дека нема да дозволи никој да го попречи извршување на ниту еден предмет за кој е донесена правосилна пресуда.

Поврзани новости