Закана од УПОЗ – од Владата да седнат на преговори со вработените во јавните обвинителства уште денеска или од утре штрајкот ќе стане поригорозен

by Fokus

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) остануваат на барањата за покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата од 35 отсто, затоа денеска излегоа на штрајк во Скопје од каде што ѝ порачаа на Владата или да седнат на преговори уште денеска или од утре штрајкот ќе стане поригорозен.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, рече дека Владата треба да биде свесна дека доколку работната група и по овој протест не седне на маса да преговара, ќе се парализира целото судство.

„Денеска е 17. ден од штрајкот на јавните обвинителства, а Владата и обвинителот ’мува не ги лази’. Доколку Владата мислеше дека со формирање на работна група ќе ги излаже штрајкувачите и дека штрајкот ќе се прекине или ќе се стави во мирување, се излажа. Штрајкот нема да престане, штрајкувачите од ден на ден се сè посложни и доколку работна група од пет министри не седне да преговара уште денес, од утре штрајкот ќе стане поригорозен. Досега се работеа само итните и неодложни работи како претреси, притвори и неодложни жалби, а од утре нема да се работи ништо“ – рече Деаноски.

Тој рече дека секое понатамошно пролонгирање и избегнување решение ќе предизвика дополнителен гнев кај штрајкувачите.

„Не можеме да разбереме зошто Владата сега инсистира минималната плата да биде избришана како основен елемент од нашите плати. Тоа значи само едно. Кога во март идната година ќе порасне минималната плата, ниту еден од овие вработени нема да добие усогласување со минималната плата. Проекцијата е дека минималната плата ќе порасне за 3 000 до 4 000 денари, што ќе направи уште еден хаос во управата, во обвинителствата и во судовите. А ниту еден вработен нема да добие усогласување со порастот на минималната плата“ – рече Деаноски.

Поврзани новости