Бесплатен оброк и едукативни екскурзии за сите ученици, парични ваучери за почетокот на учебната година ќе бидат приоритет во нашиот мандат бидејќи младите заслужуваат европско образование, рече Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија и коносителка на Изборната единица 1 на промоцијата која се одржа денеска на Програмата за европска иднина и кандидатите пратеници за претстојните избори на Европската коалиција.
- Инспирирани од успешното имплементирање на студентскиот оброк, кој го користат околу 29.000 студенти, а беше имплементиран по иницијативата на ЛДП, сметаме дека бесплатен оброк е потребен за сите ученици во основните и средните училишта. Воедно ја зголемува сумата на студентскиот оброк во висина од 20% од растот на минималната плата. Дополнително, се планира воведување на бесплатен јавен превоз за младите лица, од прво одделение сè до дипломирањето, додаде таа.
За подобрување на стандардот на учениците, Зајкова предлага ваучери под името „Среќен почеток”, во износ од 6.000 денари за секое прваче и 9.000 денари за секој нов средношколец.
-Училишниот бонус од 3.000 денари ќе помогне на учениците да се опремат со неопходните училишни материјали и помагала, пред почетокот на училишната година. Исто така, коалицијата ќе овозможи бесплатни едукативни екскурзии за учениците, со цел подобро запознавање со културно-историското богатство на Македонија, запознавање на регионот, и Европската Унија. Ова вклучува патувања во петто и деветто одделение, како и за матурантите, рече Зајкова.