Зајкова и Тачи ќе му обезбедат двотретинско мнозинство на Мицкоски, за да не чека помош од Ахмети ако има потреба од 80?!

Пред повеќе од еден месец, Мендух Тачи објави дека неговата ДПА го напушта Европскиот фронт предводен од ДУИ, но досега јавно не презел конкретен чекор со кој би разјаснил како ќе делува во следниот период. Во меѓувреме, со пратеник помалку останува и коалицијата на СДСМ, откако независно и самостојно делување најави лидерката на ЛДП Моника Зајкова, која беше посочена од сопартијци дека работи на зближување до ВМРО-ДПМНЕ. Токму двајца пратеници и недостигаат на владејачката коалиција за да контролира двотретинско мнозинство од 80, но висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ ни изјави дека се уште нема никаков официјален договор ниту со Тачи ниту со Зајкова, иако нагласува дека и двајцата се тука и, како што вели - се нудат. Инаку, „Фокус“ пишуваше дека советник на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски станал поранешен помошник-министер од времето на неговиот претходник Оливер Спасовски, кој, случајно или не, е близок роднина на Зајкова.

by Фокус

По убедливата победа на последните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ успеа да формира влада со ВЛЕН и ЗНАМ, која во собранието се потпира на стабилно мнозинство од 78 пратеници. Тоа значи дека на владејачката коалиција и недостигаат само 2 пратеници за да контролира и двотретинско мнозинство од 80 пратеници.

Уште пред да се избере актуелната влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски, се јави потреба за двотретинско мнозинство, со цел изгласување на новата државна управа, со која се спојуваа министерства и се формираа нови. Тогаш, неопходните 80 пратеници ги обезбеди ДУИ, која за возврат доби собраниско тело за следење на правичната застапеност.

Меѓутоа, власта трпеше многу критики од опозициските СДСМ и Левица во насока дека ова гласање покажало дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат некаква соработка, без оглед што двете страни подолг период негуваат тешка реторика еден кон друг. Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ тешко можеше да објасни како прифатил поддршка од ДУИ за ваква реформа, кога постојано ги обвинуваат за епски криминал, за обид за дестабилизација итн.

Сепак, повторно со поддршка на интегративците помина уште една двотретинска законска измена, со која практично се овозможи да нема предвремени локални избори во општините, чиј градоначалник стана министер или пратеник, туку до редовните локални избори да има в.д. градоначалници. Станува збор за Аеродром и Гостивар, чии поранешни градоначалници Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станаа министри за надворешни работи и здравство, како и за Сарај, чиј градоначалник Блерим Беџети остана пратеник.

Ако за ова гласање нема голема контрадикторност или силни сомнежи за некакви позадински игри и интереси, бидејќи од Мала Речица рекоа дека и тие имале корист поради Сарај, тогаш нема многу голем резон гласањето на ДУИ на законот за реорганизација на владата, посебно кога ќе се види заедничкото соопштение на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, каде, меѓу другото, стоеше дека Законот бил подготвен со поддршка на меѓународните партнери, па дури и дека бил дел од ИПА-програмата на ЕУ?!

Се разбира, вистината што ја немаше во соопштението е дека ова беше дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, а гласањето на ДУИ има логика само како обид за приближување до Мицкоски, како основ на некоја идна соработка или евентуално друг вид концесии. Арно ама, времето покажува дека меѓу двете партии нема приближување, туку напротив – меѓусебните напади продолжија и ескалираа.

Па, се поставува прашањето дали на ВМРО-ДПМНЕ му е подобро да обезбеди уште двајца пратеници од друго место за да дојде до контрола врз 80 пратеници, со цел, ако повторно затреба двотретинско мнозинство да не мора да чекаат поддршка од ДУИ? Дури и да не бараат поддршка од интегративците, ВМРО-ДПМНЕ трпи штета кога ја добива, бидејќи тоа сугерира тајна коалиција, иако еден од најголемите адути на Мицкоски кога е во прашање остварување на дадениот збор е дека ветил и остварил оти ДУИ ќе биде во опозиција.

Во таа насока, веднаш по формирањето на владата, владејачката ВЛЕН тврдеше дека има пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ кои ќе им се придружат. Засега, тоа не се случило, но Европскиот фронт остана со пратеник помалку. Се работи за лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој објави дека го напушта Фронтот, меѓутоа не премина во ВЛЕН, туку рече дека останува во комуникација со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

ДУИ има бројки, има пратеници. ДУИ го победи ВЛЕН по бројност, по пратеници, по се. Никој не може да ме убеди дека ВЛЕН е појак од ДУИ. ДУИ може дури и да наметне некакво дејство за уставните амандмани затоа што мислам дека имаат капацитет и можат да изберат форма – рече Тачи на ТВ Клан, откако потврди дека тој и ДПА веќе нема да бидат дел од фронтот.

Притоа, тој додаде дека прерано било да се анализира работата на една Влада. Како и да е, во периодот што следуваше Тачи јавно не презел некој конкретен чекор кој би ја разјаснил неговата цел. Тој веќе потврди дека бил преговарачот од Европскиот фронт за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но, според него, можноста ВМРО-ДПМНЕ да направи влада со ДУИ веднаш била одбиена.

Затоа, дел од неофицијалните информации говорат дека целта на Тачи е самостојно да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ, по што би работел на зближување меѓу ДПМНЕ и ДУИ. „Фокус“ веќе пишуваше дека секогаш кога се анализира политичкото делување на Тачи, кој од верен „до смрт“ на Сашо Мијалков стана голем поддржувач на Зоран Заев, велејќи дека тој направил повеќе за Албанците отколку Ахмети, треба да се има во предвид и нешто друго.

Додека Ахмети промовира приоритети, „војводата“ го напушти Европскиот фронт: Каква игра игра Тачи?

Имено, треба да се има во предвид неговиот интерес што го има во тетовското акционерско друштво „Интерпромет“, каде мнозинскиот управувачки пакет го преземаа блиски луѓе на Тачи и ДПА. „Фокус“ своевремено пишуваше како луѓе на Тачи, во време кога ДПА е на власт, стекнувале државни акции во спорни постапки за багателни цени.

(АРХИВА) Досие „Интерпромет“: Како луѓе на Тачи презедоа компанија вредна над 15 милиони евра за џабалак?

Доколку Тачи официјално стане дел од парламентарното мнозинство или пак неговата поддршка ја изразува неофицијално, тогаш тој би бил 79-тиот пратеник на мнозинството, па се поставува прашањето кој би бил последниот неопходен 80-ти пратеник за двотретинско мнозинство? Во тој контекст, се споменуваа неколку пратеници и партии, а една од нив е ЛДП на чело со Моника Зајкова, која периодов се соочува со одредени внатрепартиски превирања и турбуленции.

Веќе десетина години, ЛДП е дел од коалицијата на СДСМ, а Зајкова на последните парламентарни избори настапи како коносителка, односно втора на пратеничката листа во првата изборна единица, веднаш зад тогашниот лидер на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски. По објавувањето на изборните резултати, сепак, Зајкова не се појави на прес-конференцијата на Ковачевски, а оттогаш не се појавила и на ниту еден од пресовите што во собранието ги држи актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче, иако, според партиски извори од СДСМ, учествува на координации.

Во периодот по изборите и пред изборот на новата влада, и Зајкова даде начелна поддршка на законските измени за реорганизација на министерствата, но не гласаше во парламентот. Во тој период, партијата беше фокусирана на прегласувањето на некои места во петтата изборна единица, но исходот од прегласувањето не му овозможи на генералниот секретар на ЛДП Боби Мојсоски да влезе во собранието. Така, либералдемократите останаа со еден пратеник – Зајкова, која вели дека ЛДП ќе функционира независно.

И во минатиот парламентарен состав ЛДП делуваше независно, бранејки ја својата либералмдемократска политика и идеја. ЛЛД не кокетира со власта, туку, како и сите други партии, се стреми да биде власт, а не да биде кокета. Имаме одлични идеи и предлози, тоа се виде и во програмата „Има излез“ усвоена во 2011 година, за сега да се најдат решенија од таа програма во други партиски програми, па дури и во државните политики. Тоа не е грев, но заради тоа ЛДП ќе соработува овие идеи да бидат имплементирани, зашто се добри за граѓаните.

Единствено, криво ми е што ЛДП не се наметнала да ги испромовира тие идеи подобро, но ќе дадеме можност и ќе соработуваме за тие да станат во целост имплементирани. Но, не само да бидеме обичен соработник или само да сме дел од власта, туку да бидеме препознаени како партија која работи на решенија за граѓаните и добробит на државата. Голем дел од решенијата „Има излез“ се во државната програма на владата – рече Зајкова во интервју на МТВ, во однос на прашањето дали ЛДП кокетира со власта?

На овој начин, Зајкова го релативизира независното делување, велејќи дека ЛДП така делувала секогаш, вклучително и за време на соработката со СДСМ. Во една друга прилика, таа рече дека ЛДП гласала различно од СДСМ за прогресивниот данок и за фамозните измени на Кривичниот законик, но, покрај ваките ретки изблици на различно позиционирање, ЛДП со години важеше за еден од најблиските партнери на СДСМ. Сега, пак, наративот оди во правец дека партијата ќе „соработува“, бидејќи многу нивни решенија има во програмата на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем, Зајкова беше дел од предизборната коалиција на СДСМ чија главна порака беше дека тие се фронтот за Европа, додека спротивниот табор на ВМРО-ДПМНЕ го блокира евроинтеграцискиот процес. Но, по изборите лидерката на ЛДП зазеде позитивен став кон предлогот за уставни измени со одложено дејство, што впрочем претставува позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Одговарајќи на прашањето како дојде до тоа, таа во интервју на Сител рече:

„Точно е, ние бевме дел од блокот за ЕУ, зашто другата страна имаше сосема поинаков наратив, и добро е што сега наративите ги доближуваме. Здраво е за државата да имаме блиски наративи и единство за европската интеграција. Мислам дека на сите ни е доволно да играме пинг-понг и понудив решение како може да дојдеме до консензус. Не сме ја смениле позицијата, ние сме за качување на брзиот воз кон ЕУ и оттука предлагаме дека уставните измени може да се спроведат, но во онаа трета фаза уставниот закон може согласно широка интерпреација на заклучоците усвоени од Советот, да се оди на ставање на одредба за одложено дејство“.

Инаку, неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за советниците на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според информациите до кои дојдовме, тој има 11 советници, меѓу кои е Марјан Здравковски. Она што е интересно, тој беше помошник-министер за информатика и телекомуникации во времето на претходниот министер Оливер Спасовски. Иако и Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ го критикуваа Спасовски и неговото раководење со МВР, сепак, актуелниот министер решил да задржи негов помошник-министер, и тоа како советник за истата проблематика.

Дополнително, Здравковски е во роднинска врска токму со лидерката на ЛДП Зајкова, која периодов е под напад на сопартијци дека ја доближува партијата до ВМРО-ДПМНЕ, а самата вели дека ќе „соработува“ за одредени решенија блиски со либералдемократските идеи и принципи. Патем, вреди да се напомене дека Здравковски и Зајкова беа споменати во едно од истражувањата на ИРЛ дека имале викенд-куќи во дива населба на територија на Националниот парк „Маврово“.

По објавувањето на текстот за советниците во МВР, „Фокус“ побара коментар од Зајкова дали именувањето на Здравковски од ЛДП за советник на министерот Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ значи дека двете партии се во неофицијална коалиција, но никогаш не добивме одговор. Висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, пак, неофицијално ни изјави дека немаат официјален договор ниту со Зајкова ниту со Тачи, но, како што нагласува, тука се и двајцата – се нудат! Се ќе стане јасно на некое следно гласање, особено ако на ред дојде закон за кој ќе биде потребна двотретинска поддршка од 80 пратеници.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости