Моника Зајкова останува на чело на Либерално-демократската партија, откако делегатите на денешното деветто партиско собрание ѝ ја дадоа довербата за нов претседателски мандат.
Конгресот се одржа во Скопје под мотото „Напред, либералдемократи!“, во присуство на над 400 делегати, претставници на домашни и странски политички партии, дипломатскиот кор и граѓански организации.
Во своето обраќање, Зајкова побара проверка на потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери од осамостојувањето на Македонија во 1991 година до денес, нагласувајќи дека од проверката не треба да бидат изземени ниту функционерите на ЛДП.
Таа се заложи и за поголема поддршка на младинското претприемништво и усогласување на висината на субвенционираниот студентски оброк со реалните трошоци за живот.
На конгресот се обратија и повеќе претставници на европските либерални партии, кои изразија поддршка за европската интеграција на Македонија.
Во рамките на партиското собрание, беа доделени и признанија на истакнати членови за нивниот придонес во основањето и развојот на ЛДП.