Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја коментираше предизборната дебата меѓу републиканските и демократските кандидати на САД, Доналд Трамп и Камала Харис.
„Не знам зошто мислите дека ова е главната вест. Дека повторно гледаме претстава во изведба на луѓе кои очигледно не се одговорни за своите зборови. Воопшто не“, рече Захарова за радио Спутник, коментирајќи ја дебатата во САД.
Како што додаде таа, не е важно кој победил во дебатата меѓу Трамп и Харис, бидејќи „остануваат уште 15 минути до врвот на ледениот брег“.
„Самата формулација на прашањето кој победи во дебатата е малку чудна. Да ја погледнеме ситуацијата малку пошироко, користејќи го примерот на Титаник – моќен и многу скап. На истиот брод имаме натпревар помеѓу двајца познати борци, на пример боксер, кикбоксер или некој друг, џиу-џицу“, изјави Захарова.
Според неа, треба да се замисли дека по завршувањето на еден ваков натпревар луѓето се расправаат за тоа кој победил, како и дали е воопшто важно „ако има уште 15 минути до сантата мраз“.
Захарова посочи дека она што се случува во САД е „знак на апокалипса“ и дека остатокот од светот се занимава со „спас“.
„Целиот свет го формира концептот на мултиполарност, кој се состои од чамци и елеци за спасување“, рече таа.