Москва вети одмазда по нападот на руски град во кој беа ранети неколку луѓе. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Москва го задржува правото да преземе остри мерки како одговор на ракетниот напад во кој во петокот беа ранети повеќе од десет луѓе во руската погранична област Ростов.
Таа истакна дека нападот на Таганрог бил „насочен против цивилното население и мирната инфраструктура”.
„Тие очигледно немаат воено значење”, рече Захарова, пренесе Си-Ен-Ен.
Захарова, исто така, ја повика меѓународната заедница да го осуди нападот.
„Руската страна го задржува правото да преземе остри одмазднички мерки“, рече таа.
Да потсетиме, во петокот руската воздушна одбрана собори проектил над Таганрог. Остатоците од проектилот паднале врз центарот на градот при што се повредени 14 лица, соопшти руското Министерство за одбрана.
Министерството вели дека системите за противвоздушна одбрана, исто така, пресретнале втора ракета во Ростовската област во петокот, но дека таа „паднала во напуштена област“. Гувернерот на Ростов го потврди вториот напад.
Се верува дека петочниот удар врз Таганрог е првпат градот, кој се наоѓа на околу 40 километри од границата со Украина, да биде погоден од почетокот на руската инвазија. Украина не го коментираше нападот.