Москва го предупреди Западот дека рускиот одговор ќе биде многу остар доколку САД и Европската Унија запленат руски имот во вредност од стотици милијарди долари. По руската инвазија на Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи околу 300 милијарди долари руски имот на Западот.
ЕУ усвои закон за искористување на неочекуваните профити од замрзнатите средства на руската централна банка, беше објавено вчера, што е прв конкретен чекор кон целта на Унијата да ги искористи парите за финансирање на обновата на Украина.
„Ова е кражба. Тоа е присвојување на нешто што не ви припаѓа“, изјави за Радио Спутник портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува ТАСС. Таа се закани дека одговорот на Москва ќе биде „исклучително суров“ бидејќи Русија верува дека има работа со крадци.
„Со оглед на тоа што нашата земја го оквалификуваше како кражба, односот ќе биде како оној на крадците“, рече Захарова. „Не политички манипулатори, не технолози кои претераа, туку крадци“, додаде таа.
Москва соопшти дека ако ѝ биде запленет имотот, ќе го заплени имотот на западните земји.