Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека е „исклучително тешко да се поверува“ дека Исламска држава имала капацитет да го изврши нападот врз концертната сала во Москва минатиот петок, во кој загинаа најмалку 140 луѓе. На брифинг со новинарите, Захарова рече дека Украина стои зад нападот во салата Крокус сити хол, најсмртоносниот во Русија во последните 20 години.
Исламска држава ја презеде одговорноста за масакрот, а американските власти велат дека имаат разузнавачки информации кои укажуваат дека тој бил извршен од авганистанскиот огранок на групата, Исламска држава Хорасан. Украина постојано негираше дека има некаква врска со нападот. Но, Захарова рече дека Западот брзо ѝ ја додели одговорноста на Исламска држава со цел да ја префрли вината од Украина и западните влади кои ја поддржуваат.
„За да ги оттргнат сомнежите на колективниот Запад, итно мораа да смислат нешто, па прибегнаа кон ИСИС. Тие повлекоа кец во ракавот и буквално неколку часа по терористичкиот напад, англосаксонските медиуми почнаа да ги шират токму тие верзии“, рече таа.