Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека Русија ја смета за навремена иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за одржување седница на Советот за безбедност на ОН во врска со влошувањето на ситуацијата на Косово. Таа додаде дека Москва го дели мислењето на Вучиќ за проценката на актуелната кризна состојба.
Захарова рече дека секој чекор кон решение на ситуацијата, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина, мора да се води во рамките на меѓународното право врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, објавено е на веб-страницата на Руското МНР.
На новинарско прашање за влошување на ситуацијата во Косово, Захарова рече дека ситуацијата излегува од контрола и дека постои непосредна закана за опстанокот на српскиот народ.
Причина за тоа е политиката на етничко чистење, протерување и терор врз Србите што ја спроведуваат албанските институции во Приштина, изјави Захарова.
Захарова нагласи дека сето тоа се случува со целосна согласност на САД и ЕУ кои, како што наведе, не сакаат да ги запрат косовските власти.