Захарова го спореди Вучиќ со Шерон Стоун од филмот „Ниски страсти”

by Fokus

По посетата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Вашингтон и средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп, се огласи портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

Како што јави допсникот на МИА од Белград, Захарова на својот Фејсбук профил објави фотографија на претседателот на Србија, Александар Вучиќ од Белата куќа, како седи на столче наспроти работната маса на Доналд Трамп, споредувајќи ја со култната сцена со Шерон Стоун од филмот „Ниски страсти”.

-Ако сте поканети во Белата куќа, а столчето е поставено како да ве испрашуваат, седите како на фотографијата бр. 2, кој и да сте. Верувајте ми!, напиша Захарова.

 

Taa подоцна изјави дека нејзиниот пост на „Фејсбук“ не е добро толкуван. Захарова изјави дека соопштението укажува на несогласување со арогантниот став на „исклучителните“.

-Се извинувам, но мојот пост беше погрешно протолкуван! Единственото нешто што беше напишано во него беше несогласување со арогантниот став на исклучителните, допиша Захарова на фотографијата. Триковите за протокол станаа еден од пристапите што американските официјални лица редовно ги користат со цел вештачки да создадат изглед на нивна исклучителност. Тоа е неприфатливо, нагласи портпаролката.

Српскиот претседател, кој е во Брисел, остро реагираше на овој коментар на Захарова.

-Марија Захарова најмногу говори за себе. Примитивизмот и вулгарноста зборуваат за неа, како и на оние кои тука ја поставија, рече Вучиќ.

Тој истакна дека не е во состојба да објасни нечиј примитивизам.

– Замислете, дојдов во Белата куќа, тогаш ви кажуваат – одите во Овалната соба и тоа е посебна чест. Дојден е највисокиот врв на САД, ве носат на билатерален разговор. Трамп седи во фотелја, а мене ми носат столче на кое седам спроти него. Не фантазирам ниту за ниски страсти, ниту за столчиња. Проблемите со своите соништа решавајте ги како што сакате. Седев на тоа столче за да го подигнам угледот на Србија, рече претседателот на Србија и додаде:

-Можев да стојам, исто така можев и да клекнам. Што е важно. Претпоставувам дека е важно колку болници ќе изградиме, пруги., додаде Вучиќ.

Објавата на Фејсбук на Захарова беше искоментирана и од директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.

-И замисли тој претседател не рече ниту еден грд збор против Русија, дури ни на тоа место. И замислете дека тој претседател чекаше и по еден час на приемот на рускиот претседател и никогаш не побара специјален стол. Не ви дозволувам да ги напаѓате гордите Срби. Срам да ви е, напиша Ѓуриќ на Твитер.

Министерот за одбрана, Александар Вулин оцени дека Захарова ги навредила сите оние што ги бранат Русија и Србија.

-Захарова ги навреди сите кои ги браниме и Русија и Србија на потешки места од нејзините објави на Фејсбук. Денес, непријателите на Србија и Русија се воодушевени од ситната злоба на Захарова за која ќе се срами, реагираше Вулин.

Поврзани новости