Откако американскиот претседател Џозеф Бајден го напиша авторскиот текст, објавен вчера во „Вашингтон пост“, се огласи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која накратко го оцени текстот со следните зборови: „Апсурдна група на глупости“.
– Го прочитав `написот на Бајден` за тоа како конфликтот во Украина и на Блискиот Исток `ќе доведе до голем напредок`. Ова е случај кога сакате да ја чекате анализата – не на написот, туку на авторот – коментира Захарова на Телеграм.
Да потсетиме дека Бајден во споменатиот текст напиша дека „во време кога има толку многу насилство и страдања во Украина, Израел, Газа и многу други места, тешко е да се замисли дека нешто друго е можно“.
Понатаму, тој наведува дека никогаш не треба да го заборавиме она што го научивме од историјата, а тоа е дека „голем напредок може да дојде од голема трагедија и пресврт“.
– Повеќе надеж, повеќе слобода, помалку гнев, горчина и војна – ова го изјави американскиот претседател како нешто што очекува да го види по завршувањето на споменатите конфликти.
И во сето тоа, секако, улога ќе имаат САД, кои, како што вели, ќе спроведуваат таква стратегија „на Блискиот Исток, во Европа и во целиот свет“.
– Секој чекор што го правиме на патот кон таква иднина е напредок, што го прави светот побезбеден, а САД позаштитени – рече Бајден.