Судијата Огнен Ставрев поради замореност на загрозениот сведок го прекина неговото денешно сослушување од страна на СЈО и од одбраната за предметот „Монструм“, а продолжението на судењето го закажа за во петок, кога ќе продолжи со сведочење.
Судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година, денеска продолжи по пауза од речиси месец и половина.
Загрозениот сведок на денешното рочиште кажа дека си останува на исказот даден на претходна постапка. На прашање од обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, тој рече дека за настанот дознал од медиумите и сам од морални причини се пријавил во полиција за да каже што знае.
Судијата Огнен Ставрев кажа дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.