Заглавена реконструкцијата на Универзална: Кој е виновен?

by Fokus

Проектантското биро „Мегарон инженеринг“, кое го донираше проектот за Универзална сала на Град Скопје, вели дека се невистини изјавите на градоначалничката Данела Арсовска оти проектната документација е небезбедна и со грешки.

Проектантите велат дека имаат добиено позитивно мислење од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и дека сите направени промени се очекувани при вакви зафати.

-Проектот за фасадата и куполата се предаде на Град Скопје заедно со стручна ревизија на проектната документација и со позитивно мислење од страна на ИЗИИС и така доби решение за адаптација од Општина Центар. ‘Мегарон инженеринг‘ изработи ревидиран проект за челичната конструкција, откако на лице место се утврдија неправилности на постојните темели и плочи и откако се утврди потреба од нови конструктивни елементи. Таквиот ревидиран проект е повторно пратен во ИЗИИС и повторно е добиено второ позитивно мислење. Сите позитивни мислења и ревизии на проектната документација се предадени во Град Скопје. Ваквите промени се очекувани при зафати на реконструкција на постојни објекти и се во обем кој во никој случај не ја загрозува стабилноста на објектот и безбедноста на луѓето, реагираат на прес-конференцијата на градоначалничката Арсовска од „Мегарон инженеринг“.

Арсовска го обвини претходното раководство

Претходно градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која ја посети Универзалната сала за застојот на градежните работи го обвини нејзиниот претходник, Петре Шилегов. Изјави дека проектната документација била погрешна, па морало да се прават измени.

Арсовска истакна дека на 6 јули 2021 година е изготвен записник во кој што јасно се нагласува дека постојат проблеми со постојната состојба на проектот, односно неусогласеност на проектот со постојната состојба на Универзална сала, а дополнително новопроектираните конструктивни елементи е предвидено да се постават врз трафостаница во рамки на постојниот објект за која што постои проблем во нејзината дислокација.

-Претходното раководство свесно за проблемите продолжиле со градежни активности иако знаеле дека постојат грешки и пропусти во однос на реконструкцијата. Во текот на месец август се изготвени нови записници и тоа 6, 7 и 8, од 10.08.2021, 17.08.2021 и 24.08.2021, каде се нотирани проблеми за постојните конструктивни елементи, незадоволувачки параметри на армирано-бетонската конструкција и незадоволително ниво на арматура во истата, при што се очекува извештај од ЗИМ за начин на санација или рушење на тие армирано-бетонски елементи“, рече таа.

Универзалната сала како музеј на културата мора да биде ставена во функција

Вчера министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска изјави дека проектот за Универзална е добар и дека за него се обезбедени средства, а вината за застојот ја лоцираше кај новата градска власт.

-Застанати се градежните работи, иако за Универзалната сала имаше проект од претходниот градоначалник, а имаше обезбедено и средства. Сакам да верувам дека тоа е поради промената на власта. Универзалната сала како музеј на културата мора да биде ставена во функција најбрзо што може, порача Костадиновска – Стојчевска.

Универзална сала стои со соголена фасада и не се одвиваат никакви градежни работи за реконструција на објектот, откако реновирањето почна во септември лани.  Но, по локалните избори и промената на локалната власт градежните работи беа запрени.

Поврзани новости