Загина тракторист во судир со автомобил, ќе се утврдува дали тракторот имал исправна задна светлосна сигнализација

by fokus

Синоќа околу 21.15 часот на регионалниот пат Кавадарци – Росоман се случи сообраќајна несреќа помеѓу автомобил и трактор од Кавадарци, а трактористот на возраст од 33 години загинал.

Возачот во автомобилот Пежо, на возраст од 38 години и неговата сопатничка (43) се здобиле со тешки телесни повреди. Според информации од СВР Велес, автомобилот удрил во задниот дел на тракторот.
Околу тоа дали тракторот немал светлосна сигнализација на задниот дел, што е многу честа појава, и дали тоа ја предизвикало несреќата, од СВР Велес велат дека истрагата е во тек.

-На суд ќе се каже како точно се случила несреќата, и дали тракторот имал исправни фарови. Беше извршен увид на местото на настанот, истрагата е во тек. Повеќе детали не можеме да откриваме – велат од таму.

Мината недела ,,Фокус” пишуваше за тракторите во Тиквешијата, кои во голем број се движат по патиштата, посебно сега, кога во ек се сезонските работи во поле, а вистинска реткост е да се забележи трактор со исправна светлосна сигнализација и ознаки. На тракторите најчесто се прикачуваат приколки и други земјоделски помагала, но исправни фарови на нив, не можат да се видат.

Голем број на граѓани секое лето апелираат полицијата да воведе ред и да ги отстранува од сообраќај сите учесници кои се движат со неисправна сигнализација, бидејќи претставуваат огромна опасност за сите учесници во сообраќајот, но безуспешно.

-Од спротивната страна ни доаѓа возило и не осветлува, пред нас трактор со неосветлена приколка, ништо не се гледа. Значи, малку треба да се случи трагедија. Тргаат на поле во тек на ден, се враќаат кога веќе се стемнува. Огромна неодговорност и кршење на законот за сообраќај, не знаеме зошто не се реагира и не се санкционираат сите учесници во сообраќајот кои управуваат со неисправни возила – ни раскажува луѓе од Неготино само пред една недела.

На прашањето на ,,Фокус” до СВР Велес, дали и колку казни за неосветлени трактори се изречени оваа сезона, не добивме одговор, под образложение дека треба да се проверат статистиките.

Граѓаните исто така реагираат и поради тоа што неосветлените трактори минуваат на очиглед на полициските службеници, но нема нивно исклучување од сообраќајот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости