Загина рускиот министер за вонредни ситуации при воена вежба

by fokus

Рускиот министер за вонредни состојби Евгениј Зиничев загина за време на тренинг вежба на Арктикот, објави агенцијата РИА, цитирајќи го министерството.

55-годишниот Зиничев, кој бил на чело на министерството за вонредни состојби од 2018 година, почина при спасување нечиј живот, додаде РИА, без да наведе повеќе детали.

Министерот „трагично го загуби животот во служба во Норилск за време на меѓусекторските вежби за превенција на кризни ситуации на Арктикот, во обид да го спаси животот на едно лице“, велат од министерството за РИА.

Маргарита Симонијан, главен и одговорен уредник на рускиот телевизиски канал РТ, рече дека Зиничев стоел на работ до камерман кој се лизнал и паднал во вода.

„Имаше голем број сведоци – немаше време никој да размисли што се случи кога Зиничев се фрли во вода по паднатиот човек и се удри во испакната карпа“, напиша таа на Твитер, јави Ројтерс.

Почина и камерманот, додаде Симонијан.

Зиничев беше на Арктикот за да ги надгледува обемните вежби и го посети градилиштето на новата противпожарна станица во Норилск, како и тимот за пребарување и спасување во областа, се вели во соопштението на министерството.

Поврзани новости