Во синоќешната страотна сообраќајна несреќа во скопската населба Бутел загина пешак. Тоа се случи при судир на два автомобили на крстосницата на булеварите „Босна и Херцеговина“ и улицата „Словенечка„ со „Македонско-косовска ударна бригада“.
„Во 23.25 часот било пријавено дека во Скопје на ул.„Словенечка“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки управувано од С.О.(39) од Скопје и патничко моторно возило „мерцедес“ со италијански национални ознаки управувано од А.С.(41) од Скопје, при што возилото „мерцедес“ удрило во пешакот М.В.(25) од Скопје“, соопшти МВР.
Тешко повреденото момче било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им подлегнало на повредите. Смртта била констатирана од лекар во Ургентниот центар.
Во страшната сообраќајка со тешки повреди се здобиле и возачот С.О. и неговата сопатничка М.О.(28) од Скопје како и возачот А.С. со телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 ми Септември“.
Увид извршил Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.