Загадувањето расте, активистите бараат итни долгорочни мерки

by Fokus

Активистите кои станаа дел од советите на општините посочуваат дека се потребни сериозни напори за да се решава проблемот со загадениот воздух. На дебатата организирана од Граѓанскиот инспекциски совет посочија на дел од потфрлувањата на властите и повикаа на итни долгорочни мерки.

-Значи тотално немање на луѓе, спремни и стручни да реагираат во реално време кога би било пријавено одредено загадување. – Татјана Стојановска – Иницијатива Го сакам Водно.

-Се уште немаме добиено извештај дали добивме намалување на загадувањето со субвенционирањето на тие 2500 клими, дали сме добиле некаков бенефит од тоа што се добија толкави средства. – Габриела Илиевска – Граѓанска иницијатива Поинаку.

Сепак изостанаа долгорочните решенија. Скопската градоначалничка Данела Арсовска рече дека сериозен потфат во справувањето со аерозагадувањето е чистењето на дивите депонии. Повеќе насоки ќе чека од Еко советот кој треба да се формира наскоро.

-Она кое знам дека треба да се направи е овој систем на мерки да биде комплементарен, да се надополнуваат меѓусебно и да можеме во некој период од следните шест месеци до една година да бидат применети и следната грејна сезона да ја дочекаме без надминување на оние граници кои ги гледаме, додаде таа.

Аерозагадувањето е проблем во чие справување треба да бидат дел од централната и локалната власт до граѓаните, порачуваат од Министерството за животна средина.

-Намалувањето на загадувањето е долг процес, мора да ни биде на сите јасно. Не може да се случи за година, две или три. Искуството на големите метрополи во Европа и во светот покажуваат дека тоа е процес кој трае за жал и по 10,15 или 20 години.– Каја Сукова – Државен секретар во МЖСПП.

Пред само неколку дена Скопје пак се најде на врвот на најзагаден град во светот според податоците на светскиот сервис „IQair“, кој го следи загадувањето во глобални рамки. Aктивистите порачуваa дека е време да се реализираат акциските планови кои со децении седат во фиоките.

Поврзани новости