Зафировски: Ниеден приватен автобуски превозник нема да остане на улица

by Fokus

„Ниеден приватен автобуски превозник нема да остане на улица, преку други три фирми учествуваме на јавниот повик на Град Скопје што е денеска отворен и очекуваме на почетокот од април да се вратиме на истите автобуски линии“. Ова го изјави Јовица Зафировски, претставник на превозниците.

Тие велат дека е постапено согласно договорот што го постигнале со градоначалничката Данела Арсовска, во повикот да бидат опфатени сите линии и да се вратат сите 210 автобуси на работа.

„Сите автобуси ќе бидат подеднакво поделени во три пакети, ние сме многу задоволни што работите тргнаа во таа насока. Утре ќе ја подигнеме тендерската документација за овој јавен повик, ќе видиме што е потребно, ќе ја собереме документацијата и во предвидениот рок ќе ги доставиме документите за да учествуваме на повикот“ – рече Зафировски.

Повикот ќе биде отворен до 21 март, а на 26-ти овој месец ќе се отворат понудите. Зафировски се надева дека на почетокот на април ќе се вратат на работа.

Со оглед на фактот дека „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не можат да бидат вклучени во новиот повик, Зафировски информираше дека имаат формирано нови фирми за учество на новиот јавен повик.

„Ќе има три нови фирми, секоја фирма ќе го раководи својот пакет, а пакетите се поделени по пет линии, само еден пакет ќе има шест линии“, рече тој.

 

Поврзани новости