Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица годинава ќе летува само неколку дена, во месец август, поради работните обврски.
Тие се уште немале детално испланирано околу летниот одмор, кога и каде ќе заминат, но Заева за ,,Фокус” вели дека најверојатно тоа ќе се случи наредниот месец.
-Неколку дена во Охрид, неколку во Грција. Немаме ништо прецизирано, но планираме да одмораме во август – вели сопругата на премиерот.
На прашањето дали ќе летуваат во полн состав, односно дали ќерката Александра и синот Душко ќе дојдат со нив, додава дека сега, кога децата веќе пораснале, и заедничките одмори се проретчиле.
-Уште не знаеме дали ќе заминеме на семејно летување, со децата, или пак годинава ќе одмораме сами со Зоран. Александра и Душко веќе се големи, нормален процес е тоа, повеќе сакаат да летуваат со свое друштво, како и нивните врсници – вели таа.
Минатата година, Заеви исто така одмораа во Охрид. Од Секторот за односи со јавноста на Владата, лани излегоа со детално соопштение, со кое јавноста беше информирана околу тоа каде ќе летуваат владините функционери.
Најчести дестинации на министрите беа Охрид, Грција, Турција и Албанија.
Пред две години, кога СДСМ дојде на власт, тогашните нови министри и пратеници во анкета за ,,Фокус” раскажаа дека нема да кријат каде ќе летуваат, бидејќи одморите на политичарите не смеат да бидат табу за јавноста. Практиката да се дознава кој каде летувал со помош на папарацо фотографии, која што беше честа за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, тогаш од СДСМ ни изјавија дека ја испраќаат во историја.
-На одморот не треба да се гледа како на луксуз, туку како на нешто достапно на секој граѓанин, без оглед на неговата функција – се согласија во изјавата пред две години повеќето министри.
Вики Клинчарова