Лидерот на СДСМ Зоран Заев и неговата сопруга Зорица учествуваа во аукцијата наменета за помош на децата чии што родители се корисници на дроги и сексуални работници.
Настанот се случи вчера, во Јавна соба, а аукцијата била само еден од начините со кои што ќе се надмине недостигот на финансии, за да можат дечињата да продолжат да доаѓаат во дневниот центар на ХОПС (Healthy Options Project Skopje), каде што ќе продолжат да разговараат со својот психолог, да работат со педагог, да комуницираат со социјалните работници, и преку изработка на разни креации да ја развиваат својата креативност.
Исто така, планирано е со средствата на децата да им се овозможат посети на културни и социјални активности.
,,Како родител, но и како политичар, јас верувам дека ниту едно дете во Македонија не смееме да дозволиме да биде заборавено. Затоа што секое дете ни е важно нам, но и на Македонија. Вчера вечер, со мојата сопруга учествувавме на аукцијата наменета за дечињата од ХОПС. Се надеваме дека нашиот скромен придонес ќе ја врати насмевката кај овие дечиња’’ – порача Заев.
Присутните на аукцијата ги забавуваше водителот и актер Сашко Коцев, диџеј Цако и диџеј Гоце САФ.
ХОПС е здружение на граѓани што од 1997 година активно ги спроведува своите програми и активности во Скопје и во останатите градови во Република Македонија. Во 1997 година првпат ги воведе програмите за размена на опрема за инјектирање во Р. Македонија, со цел превенција на ХИВ/СИДА помеѓу корисници/чки на дроги и нивните семејства, а три години подоцна, во 2000 година, почна со имплементација на првата програма за поддршка на сексуални работници/ чки во Скопје. Оттогаш наваму успешно развива и спроведува програми за намалување штети од употреба на дрога, превенција на ХИВ/СИДА и други сексуално и по крвен пат преносливи инфекции, како и програми за социјално вклучување на ранливите и маргинализираните заедници во Република Македонија.
Неговата мисија е промоција, почитување и заштита на човековите права и слободи заради унапредување на здавјето и социоекономскиот статус на сите луѓе, а особено на корисниците на дроги, сексуалните работници и други маргинализирани заедници базирано на принципите за намалување на штети, преку еднаков пристап до сервиси и услуги, зајакнување на заедницата, подигнување на капацитети, истражувања, анализи и застапување.
Целиот настан за децата беше во организација на ХОПС и граѓанската иницијатива ,,Мрдни со прст’’. Тие најавија дека во текот на утрешниот ден ќе излезат со официјално соопштение и ќе информираат колку средства се собрани од аукцијата на која што се приклучиле голем број уметници, а на која се нуделе дела изработени од децата и од уметниците, фотографии, чаши, накит, маици, книги и друго.
Вики Клинчарова