Заев: Жртва сум на мојата отвореност, дел од снимкaта е сечена и лепена

by Fokus

Ова е директен напад на нашите интереси за членството на нашата земја во НАТО, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата по повод снимката што ја објавија руски пранкстери.што му се претставиле како Петро Порошенко и Јенс Столтенберг.

-Ова им нанесува директна штета на нашите стратешки интереси за членство во НАТО. Ова го прават добро организирани структури. Манипулациите доаѓаат од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентација. Тие се служат со дезинформации и се работи за класична политичка дискредитација. Но јас не сум единствениот. Со вакви разговори изманипулирани се голем број политичари. И можам да кажам дека сум во добро друштво, рече Заев.

Тој додаде дека во голем дел од разговорите биле извршени сериозни интервенции, па може да се дојде до невистинити заклучоци.

-Тоа е на пример делот од разговорот за МПЦ и автокефалноста на нашата црква. Од разговорот се гледа мојот придонес и поддршка за МПЦ и дома и во странство. Секогаш работам во одбрана на интересите на нашата држава. Тоа е мојата постојана заложба. Овде се работи за незаконски активности на странски агенти. Во разговорите се слуша мојот став против промена на граници и размена на население. Во разговорот го пренесувам мојот личен став дека ќе направам сѐ што треба за автокефалноста на МПЦ, ама и извадено е од контекст се слуша од снимката дека е сечена и лепена“, рече Заев и додаде дека е жртва на неговата отвореност и желба постојано да биде во контакт со граѓаните и со политичарите од нашите пријателски земји.

-Тој најави дека ова налага сериозно внимание на државата и на целиот демократски свет против лажните вести и манипулациите. „Ова налага сериозни промени во протоколите за безбедна комуникација, Најавувам дека Владата на Република Северна Македонија итно ќе заседава за овие прашања и ќе преземе одлучна акција против ширење на дезинформации“, рече Заев.

Поврзани новости