Владата ја објави висината на октомвриската плата која им е исплатена на премиерот, вицепремиерите и владините министри. Податоците се објавени преку алатката за транспарентност на Владата, објавена на официјалниот веб сајт со образложение дека висината на платата на министрите е јавен податок.
Според податоците, највисока плата во Владата зема министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, или 92.299 денари. Со оглед на тоа што неговата плата надминува 90.000 денари, Спасовски е единствениот министер кој би бил подложен на прогресивното оданочување што го најавува Владата.
За разлика од него, премиерот Заев зема 88.161 денари, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев 80.206 денари, а министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, 79.150 денари.
Најниската министерска плата изнесува 66.442 денари и ја добива министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.