Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска уште еднаш ја отфрли како неприфатлива идејата на ДУИ за Албанец премиер. Со ваков, како што оцени, национал – популистички концепт, ДУИ ќе изгуби и ќе премине во опозиција.
Според Заев, по 17 години власт, здраво е за државата ДУИ да помине во опозиција. Но, тоа е здраво и за самата партија, зашто кога е во опозиција, рече, ќе се подобри и реформира.
Одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во партискиот штаб, Заев истакна дека никој не треба да прифаќа ултиматуми, особено не сега, кога за првпат е формирана мултиетничка коалиција како најсилна гаранција за граѓанскиот концепт.
Воедно им порача на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ да се помачат за да добијат македонски, албански, босански, турски… гласови па тогаш да кандидираат кандидат за премиер.
-Ова што денеска се пласира од ДУИ, веќе го коментирав и повторно ќе го кажам, е само национал – популистичкиот концепт и ништо друго и верувам ќе изгуби и ДУИ заради тоа, зашто граѓаните треба да ги гледаме како кандидати – почнувајќи од мене и сите понатаму, рамнопрвно како кадарни, квалитетни, посветени, луѓе кои изградиле свој кредибилитет, кои се подготвени следните четири години целосно да се посветат на служење на граѓаните, чесни и од тој аспект да се разговара за секоја функција, премиер, градоначланици, директори,…., подвлече Заев.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ остануваат заедно во опозиција.
-ДУИ си помага со ваквиот наратив да помине во опозиција, а и здраво е по 17 години власт, да помине во опозиција, здраво е и за државата, но и за ДУИ. Во опозиција партиите се подобруваат, се реформираат. Секако, ова е наш став, но тоа на крајот ќе го кажат граѓаните, на изборите, напомена Заев.
Заев потсети дека тој и неговата партија се основоположници на концептот „Едно општество за сите“.
-На сите треба да им биде јасно дека јас себе си и СДСМ го сметам за основоположник на концептот „Едно општество за сите“. Покажавме дека сме растоварени од етничката припадност на граѓаните. Има добри и лоши луѓе, квалитетни и способни и неквалитетни и неспособни кои не можете да ги номинирате за која било функција. Ние денеска во СДСМ имаме потпретседатели, членови на централниот и извршниот одбор, министри, пратеници, директори од сите етнички заедници и тоа е убавината на мултиетничка Македонија, рече лидерот на СДСМ и додаде дека идниот премиер ќе биде од СДСМ.
Ги донесовме одлуките. Јас сум идниот мандатар на владата, потенцира Заев.