Заштитата на животната средина во минатото беше запоставена, а сега претставува еден од приоритетите на оваа влада која во енергетската стратегија зацрта постепено преминување кон обновливите извори на енергија со цел нашата земја да биде лидер во регионот во поглед на користење чиста обновлива енергија, истакна премиерот Зоран Заев на денешната промоција на шест нови еко-автобуси во РЕК Битола.
Премиерот потсети дека Владата на Република Северна Македонија се обврза пред своите граѓани да вложува во енергетика и енергетска ефикасност и донесената одлука се реализира.
– Постепено преминуваме кон извори на чиста енергија со примена на еколошки извори на енергија како што се водата, сонцето и ветерот. Наша обврска е да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок и здрава животна средина. Шестте нови еко-автобуси се само еден чекор во таа насока. Овие автобуси кои ќе служат за превоз на работниците во РЕК Битола се на еколошки погон со што постепено го менуваме возниот парк во РЕК Битола во кој со години воопшто не се вложуваше. Со набавките на на новите еколошки автобуси се зголемува безбедноста и квалитетот на превозот на работниците. Набавката на новите еко-автобуси е исполнување на уште едно ветување на владата за подобрување на условите за работа во комбинатот, за намалување на трошоците и заштита на животната средина, изјави Заев.