Премиерот Зоран Заев не верува дека Законот за изградба на автопатите, односно на коридорите 8 и 10 Д, ќе падне на Уставен суд, бидејќи вели дека станува збор за исти модели како што има и во земјите од регионот, кои, пак, го имаат истиот устав како нашиот.
-Ако Уставниот суд одлучи дека нешто тука е неуставно и незаконско, ние тоа ќе го почитуваме. Но, искрено верувам дека моделите кои се веќе развиени во Хрватска, Србија, Албанија и Косово се исти модели како нашите, уставите ни се исти, така што верувам дека уставноста е загарантирана. Но, да не прејудицирам, да видиме како ќе одлучи уставниот суд, изјави Заев.
Овој Закон пратениците го донесоа во скратена постапка и тој претставува реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел, без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати во изградбата на патната мрежа.
Со слични уверувања Заев настапи и денеска. Тој тврди дека времето на проектирање и изведба на автопатите на ваков начин ќе се скрати за 50 отсто.
-Уставниот суд е конечен, ако законот падне, тогаш ќе одиме со постапките кои значат две алтернативи. Едната е традиционалната постапка која ја има државата, а тоа значи проектирање едно три-четири години, потоа избор на изведувачи, надзор и слично. Тогаш ќе губиме многу време. Законот за коридорот 8 и 10 е закон со кој ѝ се препорачува на Владата, преку надлежните ресори, да најде решение на компетитивен и конкурентен начин, преку конкурентни цени, директно со инволвирање на трети страни, а со конечна цел да се скратат тие рокови. Односно да имаме проектирање на прва фаза и веднаш изведба, а додека се спроведува првата фаза, проектирањето да продолжува на втора, трета и четврта фаза што го крати најмалку за 50 отсто времето за проектирање и изведба, вели Заев.
Антикорупциската комисија веќе го оспори Законот пред Уставен суд.
Антикорупционерите се одлучија на ваков чекор откако оценија дека Законот носи висок ризик за корупција и судир на интереси и, во суштина, го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно.