Заев: Законот ќе ја унапреди употребата на јазиците на сите заедници

by fokus

Со Законот за употреба на јазиците ја унапредивме употребата на јазиците на сите заедници, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Охрид.

Сите одредби во законското решение се согласно Член 5 од Уставот. Пакетот го праќаме на усвојување во парламентот, а потоа откако ќе биде усвоен, го праќаме на венецијанската комисија, рече Заев, пренесе ТВ 21.

„Со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните, што значи дека во институциите, граѓаните ќе говорат на свој јазик“, рече Заев.

Прв јазик за службена употреба ќе биде македонскиот јазик. Според Заев со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, што значи дека Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик.

„Владата на Република Македонија со ова овозможува сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Досега употребата на јазиците зависеше од тоа дали некоја институција ја води Албанец. Од сега ќе зависи исклучиво од закон. Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, а добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава“, рече Заев.

Владата вчера го усвои текстот на Законот за употреба на јазиците.

Во меѓувреме дел од медиумите го објавија текстот на Законот, според кој ќе има двојазични унформи во местата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот и според кој јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така е службен јазик заедно со неговото писмо.

 

Поврзани новости