Заев загрижен од писмото на Бејли: Никој не смее да се вади на амбасадорот за одлуките што ги носи

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање, рече денеска дека е длабоко загрижен од писмото што амбасадорот на САД, Џес Бејли, им го испратил на претседателите на судовите, со кое бара од нив да не ја посочуваат амбасадата како изговор за одлуките што ги носат.

Пратеникот, Антонио Милошоски, побара мислење од Заев за ова писмо.

-Во него се цитира разочараност на американскиот амбасадор од злоупотребата на неговото име, а поврзано со можно местење на судски процеси при изрекување на притвор и одредување на пресудите. Дали вие како премиер ќе побарате истрага кои судии го злоупотребиле авторитет на странскиот амбасадор за местење судски процеси? – праша Милошоски.

Заев на тоа рече дека за писмото разбрал од медиумите, дека е загрижен како и сите, и дека првата работа што ја направил е што го замолил неговиот советник за надворешна политика да се сретне со амбасадорот за да побара појаснувања.

-Ова треба да не загрижи сите. Јас како што сфатив писмото е со цел да се испрати порака да не се вадат на амбасадата при носење одлуки. Во време на Пржинскиот договор се зборуваше дека американската амбасада тоа го наметна, дека ЕУ го наметна, а сите знаевме дека ние ги носиме одлуките. Ја сфаќам пораката, никој не смее да не се вади дека имал укажувања од некој амбасада. Штом е тоа нотирано од стратешки пријател на Македонија е доволен сигнал да преземеме дејствија и анализи да видиме која е причината да дојде до тоа писмо – рече Заев и додаде дека ќе го чека Бејли да се врати во Македонија по божиќните празници за директно да разговара со него.

 

Поврзани новости