Премиерот Зоран Заев ја поздрави пораката што му ја упати Бојко Борисов преку министерот за надворешни работи, Бујар Османи и изрази задоволство од ваквиот, како што рече, чин на пријателство.
Заев верува дека Борисов ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение меѓу двете земји ако биде избран за претседател на Владата во Бугарија.
Според Заев, многу е важно каква историја денес испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации.
-Прво, драго ми е што се остварила ваква средба на софискиот аеродром од каде што патуваше нашиот министер за надворешни работи и многу ми е мило заради тоа што веднаш премиерот Борисов посакал да се види макар на кратко. Тоа е прво чин на пријателство. Второ, ја поздравувам пријателската порака која што ми ја соопшти министерот за надворешни работи, а впрочем и премиерот на Бугарија и мој добар пријател Бојко Борисов ја објави, а тоа е дека навистина имаме заедничка историја помеѓу двете држави и двата народa и тоа е суштината на Договорот од 2017 за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија и навистина тоа заедништво низ историјата што сме го имале овозможило да се создадат двата народa, двата јазика да се афирмираме се со конечна цел да постигнеме заедништво на европската агенда кое заедништво веќе го имаме во НАТО-агендата, рече Заев попладнево на прес-конференција во СДСМ.
Заев оцени дека наша аспирација како македонски народ со сите етнички заедници внатре, а иста аспирација и на бугарскиот народ е целиот Балкан да биде во ЕУ, да бидеме заедно, да бидеме силни, да ја унапредиме економијата, трговијата, да го дигнеме стандардот на нашите граѓани.
-Верувам дека навистина, како што кажа Борисов, важно е таа историја денеска што ја пишуваме, каква историја денеска ние испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации после нас. Таа е важна. Не дека не е важно минатото. Важно е, го почитуваме. Тоа е основата на нашето постоење. Но, тоа е основата и на нашата иднина. Треба да бидеме фокусирани на иднината. Јас му посакувам на бугарскиот народ пред се мудра одлука на претстојните избори, а одлачат онака како што мислат дека е најдобро за нив, а веднаш после изборите јас очекувам да имам и средба со бугарскиот премиер за да можам понатаму јас, работните групи, министрите за надворешни работи да продолжиме во изнаоѓање на ова решение, нагласи премиерот и лидер на СДСМ.
Тој повтори дека е оптимист кога се работи за решавањето на македонско-бугарскиот спор.