Заев за злосторот кај Сребреница: Еден од најголемите порази на цивилизациските вредности!

by fokus

На денешен ден пред 24 години, во Сребреница се случи масакр на над 8.000 лица на бошњачкиот народ. Премиерот Заев упати порака со сочуство на семејствата на настраданите во тој злостор.

„Поминаа 24 години од страшното злосторство против човештвото, кога во периодот од 11 до 23 јули во Сребреница, и во нејзината околина, беа убиени повеќе од 8000 припадници на бошњачкиот народ, но болката и сеќавањето остануваат.

Тоа што се случи во Сребреница е еден од најголемите порази на цивилизациските вредности и лекција што мораме да ја научиме, еднаш засекогаш.

Во името на граѓаните на Република Северна Македонија, го изразуваме нашето најдлабоко сочувство и солидарност кон семејствата на сите настрадани во Сребреница, но и за сите жртви коишто залудно го загубија својот живот во војната во Босна и Херцеговина.

Како дел од семејството европски народи, ги делиме одлуките од Резолуцијата на Европскиот Парламент од 15 јануари 2009 година со која „11 јули се прогласува за Ден за комеморација и најсилно се осудува геноцидот во Сребреница со апел дека таквите ужасни злосторства никогаш повеќе не смеат да се повторат“.

Злосторството против човештвото врз цивилното население во Сребреница засекогаш ќе остане потсетник за ужасите на војната и на екстремните форми на национализам“, истакна Заев.

Поврзани новости