Заев за центарот во Љубојно: Македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина

by Frosina Fakova

Македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина, напиша на својот Фејсбук профил лидерот на СДСМ Зоран Заев, по повод иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.

– Kако што бев горд минатата година, кога ја предводев Владата на Република Северна Македонија што го востанови 5 мај како Ден на македонскиот јазик, така бев горд и денес на прекрасниот настан во Љубојно, како поддржувач на иницијативата за основање на Центар за промоција на македонскиот јазик, напиша Заев.

- Advertisements -

Порача дека „се додека постојат Македонци кои чекорат по оваа наша земја и по други земји од светот, ќе постои македонскиот јазик и сѐ додека постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците“.

– Македонскиот јазик, тоа е мојот јазик, јазикот со кој сум растел и сум се школувал, јазикот со кој ќе продолжам да живеам. Тоа е јазикот на моите родители, јазикот на мојата мајка, која како учителка на тој јазик образувала и воспитувала генерации и генерации ученици. Тоа е јазикот на моите деца, на сите македонски деца, на нивните мајки и татковци, на нивните баби и дедовци, без разлика дали живеат во својата татковина или на кој било дел од светските меридијани. Тоа е јазикот на кој се напишани личните документи, свидетелства и дипломи, пишува Заев.

Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме нашиот идентитет, вели Заев, додавајќи дека не само што е зачуван, туку е и потврден и зајакнат.

– Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишаа во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа, напиша Заев на Фејсбук.

Поврзани новости