Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција зборуваше и за идејата за широка влада.
-Јас останувам на ставот за широка Влада, но со Мицкоски оваа работа не бива. Пораката е до сите. Примери ни се германскиот и швајцарскиот модел. Ние треба да се сплотиме, треба да ја департизираме администрацијата, клиентелизмот исто така да го отстраниме кој е присутен и во администрацијата и во правосудството. Испратив порака да се направи максимум за нашиот народ, целта е искрена и доблест е да се сподели честа, со која можеме да направиме подобро за нашата земја, истакна Заев.
Тој додаде дека има многу пречки на патот, но се надева дека ќе бидат отстранети.
-За танго треба двајца, за оро повеќе, треба подобро да одиграме за нашата држава. Нема да престанеме да се обидуваме да нудиме соработка ниту со македонската, ниту со албанската опозиција. Со ВМРО-ДПМНЕ не успеавме да постигнеме ништо. Убеден сум дека е возможно да постигнеме договор, има многу пречки и блокади, но тие мора да бидат совладани, истакна премиерот Заев.