Премиерот Зоран Заев денеска ја прокоментира споредбата меѓу него и Јосип Броз Тито, што ја направи директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, кој пред неколку дена изјави дека ќе дојде време кога оваа генерација ќе им кажува на своите деца дека живееле во времето на Заев, како што неговите родители нему му говореле дека најдобро им било во времето на Тито.
-Аман, реков, јас сум Зоран Заев од село Муртино, Струмичко. Значи, со директорот на Агенцијата за млади и спорт имаме одлична соработка, тој е и претседател на младината во СДСМ, но ние не негуваме такви вредности ниту во партијата, ниту во владата, ниту во владините институции, ниту во државата. Ние сме едно мало мултиетничко општество и треба да градиме другарство, еднаквост, пријателство – рече Заев на заедничка прес-конференција со Каевски.