Заев за проблемот со Бугарија: Ќе ги најдеме и корените ако бидеме паметни на европски начин

by Fokus

До решение со Бугарија смета дека треба да се дојде на европски начин на размислување и драго му е, рече, што и Бугарија „признава и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и за македонскиот народ“.

-Но велат: „Ајде да ги утврдиме корените“. Ќе ги најдеме и корените ако бидеме паметни на европски начин. Затоа што сите ние сме почитувачи на нашето минато, но сме обврзани да ја креираме нашата иднина. Колку што е можно подобро. Регионот ни е мал и мали ни се земјите и колку повеќе се сплотиме, толку повеќе благодат ќе почувствува народот, истакна Заев одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Ресен.

Посочи дека и двете страни, македонската и бугарската, прифатиле дека имаме и споделуваме заедничка историја, како што целиот Балкан со векови наназад, а и цела Европа, рече, имаат заедничка историја.

-И тука треба да ги изнајдеме начините. И договорот со Бугарија за добрососедство и пријателство јасно номинира дека Комисијата за историско-образовни прашања треба да ги лоцира токму тие историски периоди, историски личности коишто заедно ќе ги славиме, кои ќе бидат можност да не зближат, да соработуваме уште повеќе, а притоа да не го уништиме достоинството на која било од двете страни. Затоа велам – европски начин на наоѓаше решение, истакна премиерот.

Додаде дека народот од двете земји сака да соработува, а не сака да има причини за кавги, и потврда за тоа е што во изминатот период е унапредена соработката на институции од секакво ниво.

– Почнувајќи од Македонската радио-телевизија со Бугарската радио-телевизија, нашата МИА со Бугарската информативна агенција, Советот АВМУ, но и други апскети – имаме повеќе од седум нови бугарски инвестиции во Северна Македонија во последните шест-седум месеци, додаде Заев.

Поврзани новости